Калас ги осудува страшните видеа од израелските заложници
Високата претставничка на Европската Унија за надворешни работи и безбедност, Каја Калас, остро ги осуди "страшните слики" кои доаѓаат од израелските заложници, по објавување на видеа од Хамас и Исламски џихад. Таа побара нивно итно и безусловно ослободување.
„Сликите од заложниците се ужасни и го отсликуваат варварството на Хамас. Сите заложници мора веднаш да бидат ослободени“, напиша Калас на платформата „Х“.
Видеата што беа објавени помеѓу четврток и вчера предизвикаа значајно негодување во Израел и повторно ја активираа дискусијата за потребата од брзо постигнување на договор за ослободување на заложниците.
Синоќа, десетици илјади луѓе се собраа во Тел Авив во знак на поддршка на семејствата на заложниците, барајќи итно ослободување на нивните блиски.
Хамас вчера објави подолга верзија на петминутно видео, прикажувајќи заложник кој е видливо ослабен, во тунел во Појасот Газа. Видеото наметнува паралели со актуелната хуманитарна ситуација во регионот и нагласува преку слика на песочен часовник, потребата за што поскоро решение, ако Израел сака да ги заштити животите на затворениците.




