Куршуми од стрелиштето во Идризово завршуваат во домови на жителите во Долно Лисиче.

Најновиот инцидент се случил вчера, кога куршумот пробил прозорец на куќа и завршил во соба каде се наоѓале татко и син. Веднаш преплашени, тие повикале полиција.

Според жителот на Долно Лисиче, ова не е прв ваков случај. Тој изјавува дека повеќепати пријавувал за залутани проектили, за кои смета дека потекнуваат од Центарот за обука во Идризово, каде редовно се изведуваат стрелачки вежби.

„Досега сум пријавил најмалку десетина пати за вакви случаи. Во Министерството за внатрешни работи знаат за проблемот, но никој не ги презема потребните мерки. Не може вака да продолжи, требаше ли некој да настрада за да се реагира? Тие знаат од каде доаѓаат куршумите“, вели жителот на Долно Лисиче.

Тој додава дека Центарот за обука е блиску до населени места и дека истрелите се чујат во текот на целиот ден.

„На само километар и половина од мојата куќа, преку Вардар, секојдневно се слушаат истрели. Чувството е како да е војна. Вежбаат со автоматско оружје, а во близина има парк каде деца играат и постари лица престојуваат. Нема потреба да чекаме да се случи некоја трагедија“, додава тој.

Според неговите зборови, ова не е изолиран настан. Предходно, неколку куршуми завршиле во дворови, а еден проектил погодил автомобил на сосед во непосредна близина на куќата каде вчера повторно се случил инцидент.

По последниот инцидент, полицијата излезе на терен, а жителот верува дека куршумот потекнува од Центарот за обука во Идризово, каде се изведуваат вежби со огнено оружје.

Тој исто така вели дека веќе ангажирал адвокат и е решен да го следи случајот институционално до самиот крај, бидејќи смета дека досегашните пријави не дале никакви резултати.

Очекуваме официјален одговор од Министерството за внатрешни работи во врска со случајот. Нашата редакција се обрати до Министерството и очекува одговор дали е утврдено потеклото на куршумот, дали се преземени мерки и што ќе биде направено за да се спречат ваквите случаи во иднина.

Жителите на Долно Лисиче предупредуваат дека станува збор за сериозен безбедносен проблем кој не смее да се игнорира, бидејќи, како што велат, безбедноста на граѓаните мора да биде приоритет.