Како да се подготвите за најавениот недостиг на вода: Препораки од ИЈЗ

Институтот за јавно здравје на Македонија издаде препораки за граѓаните поради најавениот недостиг на вода во Скопје. Граѓаните се советуваат да направат залиха на вода според своите потреби, но не помалку од 4 литри по лице на ден.

Препорачливо е да се наполнат резерви на вода и истите да се користат исклучиво за основни потреби, додека сите активности кои не се неопходни и бараат вода да се одложат. За одржување на личната хигиена, се советува употреба на средства за дезинфекција на раце и влажни марамчиња.

ИЈЗ препорачува готвење оброци кои не бараат употреба на вода и употреба на садови за една употреба наместо керамички садови. Дополнително, граѓаните се повикуваат да ги следат насоките од надлежните институции и да ги почитуваат издадените препораки.

Посебен апел се упатува за помош на ранливите категории на граѓани, како што се постари лица, изнемоштени и лица со здравствени проблеми. За здравствените установи, препораките вклучуваат обезбедување резерви на вода и прилагодување на медицинските процедури согласно ситуацијата.

- Реклама -