Кабинетот на претседателот на Собранието попладнето информираше дека по емитувањето на вчерашното интервју во емисијата „360 степени“, каде што гостуваше претседателот на Собранието Африм Гаши, на неговата официјална електронска адреса пристигнало писмо со заканувачка содржина.
Според соопштението од Кабинетот на Гаши, тој најостро ги осудува сите форми на закани и притисоци кон носителите на јавни функции, нагласувајќи дека останува посветен на принципите на демократијата и владеењето на правото.
Од Кабинетот информираат дека случајот веднаш бил пријавен до Министерството за внатрешни работи, кое веќе презема потребни активности во согласност со своите надлежности.
Министерството за внатрешни работи претходно потврди за МИА дека во Секторот за компјутерски криминал е примена таква пријава и дека надлежните органи постапуваат по неа, без да откриваат конкретни детали за содржината на заканата.
Медиумите попладнето објавија дека електронското писмо со заканувачки тон се поврзува со процесот на уставните измени и вклучувањето на Бугарите во Уставот.
Како што се наведува, Гаши ја добил оваа порака по синоќешното гостување во „360 степени“, каде што изјави дека можноста за напредок во преговорите со Бугарија зависи од формирањето на новата влада во Софија, посочувајќи дека не може веднаш да се очекува значителен напредок.
– Доколку овој проблем го анализираме низ призма на заеднички интерес, како за двете држави така и за двата народа – македонскиот и бугарскиот, во контекст на регионална стабилност, несомнено е дека постои потреба за негово решавање. Целта е отстранување на бугарското вето и отворање на преговорите на нашата земја со Европската Унија. Верувам дека Бугарија нема што да загуби во овој процес, напротив, можат само да добијат, но е потребно трпение и дипломатски разговори.Важно е да се почека спласнување на тензиите и да се води дијалогот со аргументи, за што поддршка од САД и Брисел би била значајна. Сметам дека само чекор нѐ дели од можноста да се надмине оваа ситуација – изјави Гаши.




