Од 3 до 5 јули, Крушево повторно ќе биде центар на одлична забава, природните убавини и позитивната енергија. Фестивалот „Кога во Крушево“ во 2026 година ја прославува десетгодишната традиција, носејќи уште побогата програма и интересни содржини за посетителите од нашата земја и странство.
Организаторите најавуваат три возбудливи дена исполнети со музика, спорт, активности на отворено и многу дружење, а оваа верзија на фестивалот останува верна на својата мисија – да ја промовира хуманоста, екологијата, инклузивноста и поддршката на маргинализираните групи.
Музичкиот дел од програмата ќе вклучи концерти на отворено со настапи од АРЕА, SEMPRE, THE AFT3R, Дарко Гроздановски и многу други изведувачи, кои ќе го создадат одличното расположение под отвореното небо.
Покрај музиката, ќе имате можност да учествувате во разни авантуристички активности, како што се планински и велосипедски тури, параглајдинг, кајак, SUP, јавање коњи и „Biathlon 4All“, за љубителите на активниот туризам и адреналинските доживувања.
За оние кои сакаат потивка и релаксација, ќе бидат организирани кампинг-зона, јога сесии и chill-out простор покрај Крушевското Езеро. Најмладите, пак, ќе можат да уживаат во игри и семејни активности. Во програмата е предвидено и посетата на музеји, саем на храна и пијалоци, едукативни еко-содржини и многу изненадувања.
Важен аспект на фестивалот е неговата хуманитарна димензија. Со секоја купена влезница, посетителите донираат по 100 денари за помош на социјално ранливи лица во Крушево. Дополнително, секој посетител ќе добие специјално дизајнирана маичка по повод јубилејот, како и попусти за различни туристички и авантуристички активности.
Во изминатата деценија, „Кога во Крушево“ стана еден од најпрепознатливите летни фестивали во Македонија, успешно комбинирајќи музика, спорт, туризам, екологија и општествена одговорност. Јубилејното десетто издание ветува уште повеќе содржини и незаборавни моменти во амбиентот на највисокиот град на Балканот.
Организаторите ги повикуваат сите љубители на природата, музиката и активниот начин на живот да бидат дел од ова незаборавно фестивалско лето во Крушево.




