„Јон Вардар“ дебитира во Африка и Португалија – Вечер …1963

Македонскиот анимиран филм „Јон Вардар против галаксијата“ во текот на неделата ќе го има своето деби во Африка и Португалија, со премиера на два значајни меѓународни фестивали. Првата проекција ќе се одржи на „Зума интернешнл филм фестивал“ во Абуџа, главниот град на Нигерија, каде што ќе биде и неговата африканска премиера.

Фестивалот, кој е организиран од Нигериската филмска корпорација, се одржува под слоганот „Раскажувањето приказни и глобалното влијание: филмот како моќно средство за економски развој“. Темата ја истакнува важната улога на кинематографијата во обликувањето на перцепциите, влијанието врз глобалните општествени дискусии и поттикнувањето на културната размена.

Филмот „Јон Вардар против галаксијата“ ќе биде прикажан и на Азорските Острови, во рамките на 9. AnimaPIX во Португалија, каде што ќе ја има својата португалска премиера.

Фестивалот „Анимапикс“ ужива репутација на прославувач на „детето во секој од нас“, со акцент на креативноста, визуелната уметност и експерименталните форми. Покрај проекциите, на фестивалот ќе бидат организирани и изложби и промоции на илустрирани книги, стрипови и други визуелни уметности.

„Јон Вардар против галаксијата“ претставува прв долгометражен анимиран филм од Македонија. Досега е прикажан на повеќе од 40 меѓународни фестивали и има освоено пет награди. Сценариото и режијата се дело на Гоце Цветановски, арт-директор е Михајло Димитриевски – Тхе Мичо, а продукцијата ја управува Алан Кастиљо. Главните улоги ги толкуваат Жарко Димоски, Емилија Мицевска и Дамјан Цветановски.