На 12 мај 2025 година, понеделник, во 18:00 часот, ќе се одржи панел-дискусија со јавен карактер на тема: „Кој е авторот?“ во салата „Борис Трајковски“ на Саемот на книга. Темата ќе ги опфати авторството, интелектуалната сопственост и иднината на креативноста во време на присуството на вештачката интелигенција. Настанот е организиран од страна на здружението „ВИ Сега“ и Македонската асоцијација за интелигенција (МАИ). Намерата е да се отвори дискусија околу тоа како вештачката интелигенција влијае врз авторските права, со оглед на нејзиното активно учество во создавањето на различни видови содржини како книги, статии, музика, илустрации и преводи.
На оваа дискусија, поканети се да учествуваат: Сашка Цветковска – истражувачка новинарка и уредничка во ИРЛ, Марина Тунева – специјалистка за медиумска етика, Бојан Саздов – претседател на МАИ, Сеад Џигал – комуниколог и автор, и Суад Сефери – основач на „ВИ Сега“ и автор на првата книга за ВИ на Балканот. Улогата на модератор ќе ја има Александра Тодоровиќ од „ВИ Сега“. Тема на разговор меѓу панелистите ќе бидат правните и етичките аспекти на генеративната вештачка интелигенција, можностите за ко-авторство меѓу луѓето и алгоритмите, одговорноста за содржини создадени од ВИ, и предизвиците со кои се соочуваат авторите во ова ново време на дигитализација. Влезот на настанот е бесплатен за сите посетители на Саемот на книга.