Партнерството со Словенија во рамките на проектот „Зајакнување на образованието и професионалната регулатива за медицински сестри и акушерки во Македонија“ продолжува и во периодот од 2026 до 2028 година. Ова беше истакнато во соопштението на Министерството за образование и наука. министерката Весна Јаневска нагласи дека Словенија активно придонесува за интеграцијата на Македонија во Европската Унија, преку конкретни активности во образованието и здравствениот сектор, како и пренос на добри практики.
Во соопштението се посочува дека во претходниот период се поставени основите за реформи во наставните програми за медицински сестри и акушерки, со цел унапредување на здравствениот кадар и усогласување со европските стандарди. Создадена е модернизирана и унифицирана програма за додипломски студии, а во тек е и развојот на магистерски програми во оваа област.
Според министерката, новите законски решенија ќе овозможат подобрување на кариерните патеки, повисоки плати и задржување на здравствениот кадар во државата. Проектот се реализира со поддршка на Центарот за европска перспектива, во соработка со неколку меѓународни организации и стручни институции.



