Израелската опозиција остро го осудува примирјето со Либан.

Израелската опозиција остро го критикуваше неодамна прогласеното примирје со Либан, оценувајќи дека тоа е сериозна политичка и безбедносна грешка. Лидерот на опозицијата, Јаир Лапид, изрази сомнеж за ветувањата на актуелната влада, нагласувајќи дека конфликтот со Либан може да заврши само со целосно отстранување на заканата за северните израелски населби. Авигдор Либерман, исто така, упати критики, нарекувајќи го примирјето „издаја“ и предупреди дека на тој начин се дава шанса на Хезболах да се опорави и повторно да се вооружи.

Поранешниот началник на Генералштабот на израелската армија, Гади Ајзенкот, истакна дека повторувањето на примирјата испраќа лош сигнал и е доказ за неуспехот на политичкото раководство да ги претвори воените успеси во долгорочни решенија. Од страна на Хезболах беше соопштено дека било каков договор за прекин на огнот не смее да му овозможи на Израел слободно движење на либанска територија, додека либанските власти повикаа на претпазливост и одложување на враќањето на жителите во некои региони.

Прочитајте и:  Американецот Тарп постави светски рекорд на 110 метри со пречки

На меѓународен план, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, го поздрави договорот за примирје, оценувајќи дека тоа е олеснување поради големиот број жртви во конфликтот. Таа нагласи дека е од суштинско значење примирјето да прерасне во траен мир, со почитување на суверенитетот на Либан и продолжување на хуманитарната помош.