Изложба во КИЦ Истанбул на уметницата Теута Хоџа Имери

Министерството за култура и туризам ќе ја отвори изложбата „Игри без граници“ на македонската уметница и графичарка Теута Хоџа Имери во среда, 7 мај 2025 година, во 19:00 часот во македонскиот Културно-информативен центар во Истанбул. Овој настан е дел од редовните активности на Центарот, насочени кон претставување на современата македонска уметност пред турската публика. Изложбата е визуелно истражување на апстрактни форми и графички техники преку кругови, квадрати и X симболи, што ги отвора прашањата на егзистенцијата и духовноста – создавајќи ред во хаосот. Делата се изработени во техники како сува игла, акватинта и висока преса, кои изразуваат емоционална и симболична длабочина. Хоџа Имери, чие дело спојува креативна интуиција и графички дисциплини, нуди визуелна приказна која ги надминува границите на медиумот и ги повикува посетителите на длабока внатрешна размисла.