Избор на добитникот на наградата „Оливера Николова” за 2026 година

На 11 март (среда) во 11 часот, во „Литература.мк“ во „Дајмонд мол“, ќе биде прогласен вториот добитник на книжевната награда за најдобар необјавен роман за деца и млади, именувана по Оливера Николова.

На настанот, членови на жири-комисијата составена од Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Ермис Лафазановски (првиот добитник на наградата во 2025 година) и Јованка Денкова (професорка по книжевност за деца) ќе дадат свои излагања. Вториот конкурс за наградата „Оливера Николова“ беше отворен од 11 септември 2025 до 11 јануари 2026, а пристигнаа вкупно 46 ракописи.

Наградата се состои од паричен износ од 60.000 денари, статуетка и објавување на романот во посебна едиција на издавачката куќа „Арс Ламина“. Оваа награда ќе биде врачена на свечен настан.

Прочитајте и:  Иран го отвори Ормускиот теснец: цената на нафтата се спушти на 88 долари

Наградата „Оливера Николова“ беше востановена од издавачката куќа „Арс Ламина“, со поддршка од семејството на Николова, на 11 март минатата година. Оливера Николова почина на 3 ноември 2024 година. Основната мисија на наградата е да се одржи нејзиниот значај во македонската книжевност и да се поттикне развојот на романот за деца и млади.

На првиот конкурс победи романот „Џинџуџе“ од Ермис Лафазановски, избран меѓу 38 пристигнати ракописи. Уште еден ракопис, „Сам во рој“ од Иван Дричко (псевдоним на Сашо Кокаланов), беше во најтесниот избор за наградата.