Ивана Славковска: Наградата за плакат и изложбата во Софија како потврда дека дизајнот комуницира на универзален начин – Вечер… 1963

– Фактот што мојот плакат беше избран меѓу 33 финалисти од повеќе од 1.500 пристигнати дела од целиот свет и добив мотивациска награда, за мене е огромна чест и поттик за идната работа. Оваа ситуација ми покажа дека дизајнот е универзален јазик и дека пораката може да стигне многу подалеку од границите на нашата земја – вели Ивана Славковска, студентка на Факултетот за арт и дизајн при Европски универзитет во Скопје, насока графички дизајн.

На меѓународниот конкурс за социјални плакати во Софија, Ивана Славковска, заедно со тројца свои колеги, е добитничка на мотивациската награда од жири-комисијата. Овие награди, како дополнение на трите главни, беа доделени на отворањето на изложбата во галеријата „Алма матер“ на 17 февруари. Од 142 селектирани плакати за дигиталниот каталог, делата на Ивана Славковска се меѓу најдобрите, заедно со оние на Анастасија Спиркоска, Ангел Стојчевски и Меланија Стојанова, студенти на Европски универзитет – Скопје.

Добитото признание е голема мотивација за младите дизајнери, кои се нашле во топ седмица во глобалната конкуренција од 1.500 плакати. За весникот ВЕЧЕР, разговаравме со Ивана за нејзината љубов кон уметноста и идните планови поврзани со неа.

Таа е родена во Свети Николе, град кој, како што вели, и покрај својата мала големина, отсекогаш бил голем извор на инспирација за неа. Таму го завршила средното образование и таму започнала љубовта кон уметноста, прво преку цртањето, а потоа и преку пишувањето.

Што за тебе значат учеството и наградата на меѓународниот конкурс за плакати во Софија?

Конкурсот за социјални плакати и изложбата во галеријата „Алма матер“ ми ги предложи мојата професорка, проф. д-р Гордана Вренцоска, во рамките на предметот Графички дизајн 1. Работејќи на темата „Реални светови“, тоа беше мое прво учество на меѓународен конкурс. Изборот на мојот плакат меѓу 33 финалисти и добиената мотивациска награда е огромна чест и поттик за мене. Ова искуство потврди дека дизајнот говори на универзален јазик и дека пораката може да стигне далеку надвор од нашите граници.

Кажи ни нешто повеќе за плакатот со кој конкурираше и каква порака носи?

Мојот плакат е насловен „Ова не е игра“ и се однесува на насилството врз жените, проектиран преку симболика на играта икс-окс. Наместо играчи, во него се појавуваат женски симболи, а со црвена дијагонална линија ја прекинувам „играта“, што ја потенцира идејата дека оваа тема не смее да се третира како забава. Минималистичкиот пристап и редуцираниот колорит служат за силна визуелна реакција и јасен став.

Каде сè досега се имаш претставено со твоите дела и дали ова претставување во Софија е прво од ваков вид?

Моите дела беа дел од годишните изложби на Факултетот за арт и дизајн, како и од конкурси во нашата земја. Учеството на конкурсот во Софија е мое прво меѓународно претставување.

Дали, освен со плакат, ја пројавуваш твојата креативност и преку други видови уметност?

Паралелно со дизајнот, пишувам поезија и сега работам на мојата прва книга, која е мој интимен израз и важен дел од мојот креативен идентитет. Уметноста за мене е не само професија, туку и начин на живот. Илустрацијата, визуелниот идентитет и дизајнот на простор ми се интересни затоа што верувам дека дизајнот може да постои и надвор од хартијата или екранот. Графичкиот дизајн го избрав зашто е спој на визуелното и концептуалното размислување. При Европскиот универзитет добив шанса да го развијам својот авторски пристап и да бидам дел од годишните изложби, што ми помогна да го видам дизајнот како медиум за отворање општествени теми и носење пораки.

Со оглед на твојот избор на студии по графички дизајн, дали и идните планови и проекти се насочени кон овој вид дизајнирање, или твојот интерес е поширок?

Сега сум четврта година на студии по графички дизајн и припаѓам на периодот пред дипломирање – време кога природно размислувам за трансформацијата на образованието во реални авторски проекти. Мојата цел е да работам на дизајн со порака и културна вредност. Како дел од овој процес, го создавам „Чао“, мал урбан кафе-бар во Свети Николе, кој целосно го дизајнирав. За мене, тоа е жив доказ за функцијата на дизајнот во секојдневниот живот. Во иднина, планирам да го оформам својот препознатлив израз и да реализирам самостојна изложба. (Д.Т.)