„Итно затворање на зоолошките граници во Македонија“, апелира Зелен хуман град по низа инциденти во ЗОО Скопје.

Граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ остро реагира по серијата инциденти на насилство над животни во скопската зоолошка градина, во кои, според нив, учествувале малолетници. Од здружението алармираат за сериозноста на ваквите настани и повикуваат на системска решавање на проблемот.

„Македонската јавност во последно време е сведок на повеќе немили настани на насилство кон невини животни во скопската зоолошка градина. Најзагрижувачки е фактот дека главните инстигатори на ова насилство се деца. Станува збор за два посебни инцидента во кои ученици од основно училиште со камења ги гаѓале заробените слонови и нилскиот коњ. Исто така, за жал, имало и случај во кој млада девојка, стоејќи до кафезот, ги вознемирувала мајмуните“, велат од иницијативата.

„Овие инциденти се типичен пример на инхерентно насилство што е вградено во капиталистичкиот систем, кој некогаш дури не го забележуваме. Зоолошките градини, како профитабилни форми на забава, се места каде што невини животни страдаат во ропство. Затоа, ние од ЗЕЛЕН ХУМАН ГРАД се залагаме за итно затворање на зоолошките градини во Македонија и нивна трансформација во центри за конзервација и рехабилитација. Целта е суровоста на кафезите и третманот на животните како предмети за забава да биде заменета со грижа за повредените и напуштените автохтони животни на територијата на Македонија. Исто така, сакаме да поттикнеме поврзаност помеѓу граѓаните, особено младите, и животни кои природно живеат во Македонија“, додаваат тие.

Прочитајте и:  Кисела Вода гради нов паркинг на улицата „Пушкинова“

„Важно е да се потсетиме дека првиот знак за психопатија е токму насилство над животни. Поради тоа, неопходно е рано детектирање од страна на стручни лица и меѓуинституционална соработка за да се обезбеди адекватна помош за учениците и да се превенираат во иднина инциденти со животозагрозувачки последици,“ завршуваат од „Зелен хуман град“.