Истрагата против врховниот судија Наке Геoргиев го одведе ОЈО ГОКК во Академијата за судии и јавни обвинители

На барање на Обвинителството, полициски екипи со наредба од судија на претходна постапка вчера вчлера одзеле два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видео-запис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата

Сознанијата и индициите за можно сторено друго кривично дело до кои дошло Основното јавно обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) во истрагата против врховен судија се причината поради која екипи на Министерството за внатрешни работи вчера влегле и одзеле електронски уреди и материјали од Академијата за судии и јавни обвинители.

Зградата во која се наоѓа Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК) / Фото: „360 степени“ (Архива)

До ваквите сознанија истрагата на Обвинителството дошла при анализа на телефонот на осомничениот врховен судиј, а вчера по наредба на судија на претходна постапка биле обезбедени бараните предмети во Академијата, соопштија денеска од ОЈО ГОКК.

Иако во соопштението на Обвинителството не е наведено името на судијата, повеќе од извесно е дека станува збор на врховниот судија Наке Георгиев, кој е единствениот носител на ваква функција против кого ОЈО ГОКК води истрага за примање поткуп и за која оттаму информираа јавно.

Според официјалното соопштение на Обвинителството, вчера полицијата одзела два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, а припадниците на Одделите за крим-полиција и за сузбивање на организиран криминал оттаму заминале и со видеозапис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата.

„Во рамките на предмет против врховен судија, јавниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција при анализа на телефонот на осомничениот дојде до сознанија што упатуваат на можно сторување на друго кривично дело.

Како резултат на тоа, предметниот обвинител со цел да ги испита ваквите индиции оформи предмет со кој достави барање до судијата на претходна постапка при Основен кривичен суд Скопје за одземање на два мобилни телефони од лице вработено во Академијата за судии и јавни обвинители, како и видеозапис и две досиеја за еден поранешен и еден актуелен кандидат на Академијата.

Во текот на вчерашниот ден, припадници на Одделот за крим полиција и Одделот за сузбивање на организиран криминал постапија по Наредбата на судијата и ги обезбедија бараните предмети“,

се наведува во соопштението на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.

Оттаму додаваат дека за сите дополнителни активности и детали за случајот кои нема да влијаат на постапката обвинителството ќе ја информира јавноста навремено.

За потсетување, врховниот судија Наке Герогиев беше уапсен на 20 мај годинава откако, како што информираа од Обвинителството и МВР, бил фатен на дело при примање на 10 000 евра поткуп. Уште доцна вечерта истиот ден Судскиот совет на итна седница му го одземa судскиот имунитет на Георгиев, а по распитот пред судија на претходна постапка му беше одреден притвор.

Неодамна, Апелацискиот суд Скопје не го прифати неговото барање за укинување на мерката притвор и негова замена со поблаги мерки. Георгиев на јавната седница во Апелација тврдеше дека бил наместен од синот на поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев, затоа што не го прифатил неговиот предлог да издејствува спогодба со обвинителството во предметот за шверц на марихуана против ексградоначалникот.

Врховниот судија Наке Георгиев / Фото: Судски портал

Инаку, врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка од оваа функција пред официјално да даде заклетва за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители.

Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.

Второосомничен во случајот на Георгиев, е членот на Советот на јавни обвинители Иџет Мемети, кому за разлика од врховниот судија не му беше одреден притвор и се додека трае постапката изречени му се мерки на претпазливост.

Инаку, и Геогиев и Мемети се товарт за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание од членот 359 од Кривичниот законик.

- Реклама -