Иранскиот амбасадор во Шпанија, Реза Забиб, изрази загриженост за безбедноста, предупредувајќи дека секоја локација што ќе се користи во „агресија“ против Иран може да стане „легитимна цел“, вклучувајќи воени бази во Европа. На прес-конференција во Мадрид, Забиб изјави: „Општото правило е дека ќе реагираме на секоја агресија, без разлика од каде доаѓа. На секоја акција ќе следи наша реакција.“
Откако Соединетите Американски Држави и Израел извршија напад врз Иран во саботата, Техеран возврати со напади на земји од Заливот каде што се наоѓаат американски воени бази. Според извештаите, беспилотни летала биле насочени и кон Кипар, кој е членка на Европската Унија и каде се наоѓа британска воена база.
Забиб изрази надеж дека нема да дојде до напади на територијата на Европа, но ја истакна способноста на Иран да ги оптруе своите цели. Тој ја поздрави одлуката на Шпанија да забрани операции од својата територија, оценувајќи ја како складна со меѓународното право.
Во заедничкото соопштение, Велика Британија, Германија и Франција најавија тесна соработка со САД во врска со нападот врз Иран. Во исто време, петнаесет американски борбени авиони биле преместени во бази во Германија и Франција, откако Мадрид воведе забрана за воени операции од својата територија.
Иранскиот амбасадор оцени дека саботата била „мрачен ден за мирот и меѓународното право“, истакнувајќи дека е започната „непредизвикана вооружена агресија“ спротивна на Повелбата на Обединетите нации. Спомна дека во нападите биле убиени речиси 200 девојчиња во основно училиште во градот Минаб и додаде дека нападите започнале во месецот Рамазан, што дополнително ја нарушува верската светост.
Според него, актуелната ескалација на конфликтот е пресвртница за меѓународното право, мирот и универзалните човечки вредности, повикувајќи ја меѓународната заедница да ја следи ситуацијата со внимание.




