Иран го обнови производството во гасниот енергетски комплекс Јужен Парс, по завршувањето на опсежните поправки на постројките кои беа оштетени во нападите од САД и Израел. Како што пренесуваат иранските медиуми, успешно се санирани инфраструктурните системи и цевководите за транспорт на суровини надвор од главната петрохемиска зона, што овозможи постепено враќање на производствените капацитети.
Во април, Израел го нападна комплексот Јужен Парс, на што Иран возврати со напади на постројка за течен природен гас во Катар. Според иранските власти, производството сега полека се враќа на нивото пред почетокот на конфликтот. Податоците од „Техран тајмс“ покажуваат дека од 21 март 2025 до 2 февруари 2026, од комплексот биле испорачани повеќе од 165,5 милијарди кубни метри „сладок“ природен гас, без присуство на сулфурни соединенија.
Директорот на комплексот, Голам Абас Хосеини, изјави дека на почетокот на февруари производството достигнало просек од над 600 милиони кубни метри гас дневно. Во претходната иранска година, заклучно со 20 март 2025, од Јужен Парс биле испорачани вкупно 196 милијарди кубни метри гас.
Иранскиот министер за нафта, Мохсен Пакнеџад, истакна дека поради ниските температури и зголемената потрошувачка, енергетскиот систем се соочувал со голем притисок, но, и покрај тоа, комплексот Јужен Парс поставил рекорден дневен производствен капацитет од околу 725 милиони кубни метри гас. Според иранските власти, комплексот обезбедува повеќе од 75 проценти од вкупната потрошувачка на природен гас во земјата.




