Иранскиот преговарачки тим одлучи да ја прекине комуникацијата со САД преку посредници поради активностите на Израел во Либан, објави полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним. Според информациите, Техеран донел одлука за суспендирање на сите индиректни контакти со Вашингтон, со образложение дека актуелното примирје е нарушено поради офанзива на Израел во Либан. Иранската страна оценува дека ситуацијата во Либан претставува клучен аспект на договорот за прекин на огнот и дека тој веќе не се почитува.
„Нема да има дијалог“ сè додека не се разгледаат барањата на Иран и Хезболах, напоменава Тасним, додавајќи дека иранските власти бараат да се запрат израелските воени операции и целосно да се повлечат од окупираните територии.
Паралелно, Иран објави дека целосно го блокирал Ормутскиот теснец, еден од најважните глобални поморски коридори за транспорт на нафта и гас. Претходно, Техеран тврдел дека дозволува ограничен премин на посебни бродови под строго определени ирански услови. Тасним, исто така, истакнува дека теснецот Баб ел Мандеб, кој ги поврзува Црвеното Море, Аденскиот Залив и Индискиот Океан, ќе биде блокиран од така наречениот „фронт на отпорот“.
Иран е близок сојузник на јеменското движење Хути, кое има значајно влијание во областа на овој стратешки поморски премин. Новите активности на Техеран дополнително ги зголемуваат тензиите на Блискиот Исток и предизвикуваат загриженост за можни нарушувања на глобалните енергетски и трговски текови.




