Иран упати сериозно предупредување до земјите членки на Европската унија, истакнувајќи дека оние кои ќе се приклучат на нападите на САД и Израел против Иран ќе бидат сметани за „легитимни цели“ за одмазда. Оваа порака ја изнесе заменик-министерот за надворешни работи, Маџид Тахт-Раванчи, во интервју за француската телевизија France 24.
„Секоја држава која ќе се приклучи на агресијата против Иран, дефинитивно ќе стане легитимна цел за нашата одмазда“, нагласи Тахт-Раванчи. Оваа изјава доаѓа во време кога во Европската унија се забележуваат различни ставови околу кризата и зголемената воена напнатост на Блискиот Исток. Како што се објавува, некои од европските земји – вклучувајќи ги Франција, Грција и Италија – испратиле воени бродови во регионот, додека други високопозиционирани претставници на Унијата повикуваат на деескалација, прекин на конфликтот и решавање на проблемите со дипломатија.
Во Берлин, германскиот канцелар Фридрих Мерц изјави дека Германија работи со своите партнери на стратегија која би водела до прекин на борбите со Иран, истакнувајќи дека Германија ги поддржува целите на САД и Израел. Сепак, најостра критика за интервенцијата на САД и Израел доаѓа од шпанскиот премиер Педро Санчез, кој го осуди бомбардирањето на Иран како непромислено и противзаконско. Тој дури и забранил користење на американски авиони од базите во јужна Шпанија за напади врз Техеран.
Изјавата на иранскиот заменик-министер дополнително ги зголемува загриженостите во Европа, истакнувајќи дека поголемото вклучување во воени операции може да ја прошират кризата и да донесе нови безбедносни, политички и економски ризици за земјите на Унијата.




