Фудбалерите на Интер од Мајами се квалификуваа за осминафиналето на Светското клупско првенство откако одиграа нерешено 2:2 против Палмеирас на домашен терен во натпреварот од последното трето коло во Групата А.
Покрај Интер, и Палмеирас обезбедија место во осминафиналето. Двата тима завршија групната фаза со по пет бода, но бразилскиот клуб ќе продолжи во нокаут фазата од првото место на табелата благодарение на подобрата гол-разлика.
Тадео Аљенде му донесе предност на Интер во 16-та минута, а поранешниот напаѓач на Барселона, Луис Суарез, ја зголеми предноста со гол во 65-та минута.
Паулињо успеа да го намали водството на Интер со гол во 80-та минута, а Палмеирас израмни во 87-мата минута со погодокот на Маурисио.
Во осминафиналето, Интер од Мајами ќе се соочи со Пари Сен Жермен во Атланта, додека Палмеирас ќе игра против Ботафого во Филаделфија.
Во вториот натпревар од третото коло на Групата А, Порто заврши со нерешен резултат 4:4 против египетскиот Ал Ахли во Ист Радерфорд. Тимот од Египет четири пати имаше предност, но Порто секогаш успеваше да се израмни.
На крајот, Порто го освои третото, а Ал Ахли четвртото место во оваа група.