Министерката за финансии, Гордана Димитриеска-Кочоска, учествуваше на панел-дискусија на министрите за финансии и економија со претставници од институциите на земјите од Централна и Југоисточна Европа. Темата на дискусијата беше „Унапредување на националните капитални пазари преку заеднички иницијативи и соработка“.
На настанот, организиран од Министерството за финансии на Хрватска, се разгледуваше потпишувањето на Меморандумот за разбирање за соработка во развојот на пазарот на капитал помеѓу Хрватска, Бугарија, Унгарија, Северна Македонија, Полска, Романија, Словачка и Словенија.
Во своето излагање, министерката нагласи дека главниот бенефит за Македонија од оваа иницијатива може да се изрази со еден збор – пристап.
„Верувам дека за две до три години ќе можеме да ги видиме придобивките кои нашиот бизнис сектор и компании ќе ги остварат преку овој Меморандум. Доаѓам од приватниот сектор и знам колку е тешко една компанија да ја убеди банката дека нејзината идеја или иновација е доволно сериозна за успешен развој. Во такви услови, пазарот на капитал е клучен за брз раст и реализација на потенцијалот на компаниите,“ изјави Димитриеска-Кочоска.
Таа истакна дека интеграцијата ќе овозможи на нашите компании, особено на малите и средни претпријатија, кои се основа на економијата, да добијат поголем број инвеститори, различни извори на капитал и нови прекугранични партнерства.
„Нашиот домашен пазар е релативно мал и ограничен во ликвидноста. Со оваа иницијатива ги отвораме портите за многу пошироки пазари и подобри можности за финансирање. Но, ова не е само прашање на финансии; туку и на доверба и кредибилитет. Интеграцијата нè приближува до европските стандарди, го зголемува транспарентноста и предвидливоста, и создава доверба кај инвеститорите. Тоа е основен предуслов за поголеми инвестиции,“ додаде министерката.
Димитриеска-Кочоска нагласи дека, како земја кандидат за членство во Европската унија, секој чекор кон усогласување на регулативата и продлабочување на соработката е важен за приближување кон европската интеграција.
„Еден од нашите главни приоритети е да овозможиме полесен пристап до финансирање за компании, особено за малите и средни претпријатија. Интеграцијата на регионалните капитални пазари директно придонесува за остварување на овој приоритет. Најважната задача пред нас како влада и законодавци е усогласувањето на регулаторното окружување,“ истакна Димитриеска-Кочоска.
Со оваа иницијатива, регионот испраќа јасна порака за подготвеност за соработка, заеднички развој и создавање на поатрактивен и посилен капитален пазар во интерес на компаниите и инвеститорите.




