Во Скопје и понатаму не се дише – кој загадува?

Денешната магла во скопската котлина само го потенцираше високото загадување на воздухот во градот.

Синоќа, како и во најголемиот дел од зимата, силен мирис на чад од дрво, гума и што уште не, го прекри Скопје, а особено најниските делови од котлината, населбите Лисиче и Аеродром, но и делови од Центар. И повторно не се дишеше, па најпаметното „решение“ за граѓаните е да останат дома со затворени прозорци и врати. И според платформата „IQAir“ Скопје е пак меѓу најзагадените главни градови во светот.

Сите сериозни истражувања досега јасно ги посочуваат главните извори на загадувањето на воздухот на градов, па и Македонија – пред сѐ, начинот на загревањето на објектите во текот на зимата, сообраќајот и недоволната контрола на тоа што сѐ се вози по улиците, а потоа индустријата, и тоа особено средните и малите индустриски капацитети, затоа што т.н. голема индустрија е редовно контролирана и мора да ги спроведува мерките кои го регулираат нивното влијание врз животната средина. Специфично е и тоа што дел од големите индустриски капацитети во текот на зимата работат редуцирано или се исклучени. Еден од примерите за тоа е Цементарница УСЈЕ која, поради намалената активност на градежните фирми, во зимските месеци ги врши редовните ремонти. Нејзините две печки се исклучени веќе една недела, додека едната од нив не работи уште од почетокот на декември минатата година.

Главниот предизвикувач на загадувањето во градот, затоплувањето на домовите и другите објекти е сложен проблем – стратешки, финансиски, социјален, а со сето тоа и политички. Скопјани со децении чекаат надлежните сериозно да се зафатат со него, колку и да е комплицирано и споро неговото целосно решавање. Најлошо е тоа на што сме сведоци досега – одлагање на сериозните зафати, поради популистички пристап на политичките партии и државните институции.

- Реклама -