Индија изврши 24 прецизни ракетни напади врз девет локации во Пакистан и административната територија Кашмир

Индија изврши 24 прецизни ракетни напади врз девет локации во Пакистан и административната територија Кашмир, при што беа убиени 70 терористи, соопштија владини извори.

Нападите беа извршени како одговор на терористичкиот напад во Пахалгам, а операцијата, позната како „Операција Синдор“, се смета и за изјава за стратешката решителност на Индија, објави индиската телевизија NDTV.

Според изворите, нападите биле прецизно координирани и извршени врз терористички бази поврзани со групите Лашкар-е-Таиба и Џаиш-е-Мохамад.

Меѓу убиените терористи имало команданти од среден и висок ранг, додека повеќе од 60 лица биле повредени во нападите што биле извршени на локации како Музафарабад, Котли, Бахавалпур, Равалакот, Чаксвари, Бимбер, долина Нилум, Џелум и Чаквал.