Имамоглу, кој беше потенцијален претседателски кандидат на опозициската Републиканска народна партија, беше уапсен, што предизвика серија протести во различни турски градови. По ова, турските власти објавија дека Екрем Имамоглу, опозициски политичар, привремено е отстранет од функцијата градоначалник на Истанбул. Неговото апсење и притвор предизвикаа негодувње и загриженост меѓу дел од граѓаните, кои организираа демонстрации во поголемите турски градови, особено бидејќи Имамоглу беше еден од водечките противници на претседателот Ердоган на изборите во 2028 година.
Судските органи го обвинија за корупција, а оваа ситуација отвори дебата за можно демократиско назадување во Турција. Во случај да биде осуден, правниот систем во Турција дозволува поставување на заменик на местото градоначалник. Јавното обвинителство во Истанбул исто така го обвинува Имамоглу, во содејство со неколку други службеници, за создавање и водење на криминална организација, поткуп, манипулации со тендери и нелегално прибирање на лични податоци. Паралелно се води истрага и против тројца високи функционери во врска со поддршка на терористичка организација.
Реакциите не изостанаа и од меѓународната сцена. Германското Министерство за надворешни работи изрази загриженост, соопштувајќи дека ова претставува назадување на демократијата во Турција. Портпаролот истакна дека политичките конфликти не треба да се решаваат преку правосистемот и затворите, барајќи транспарентно истражување на обвинувањата во согласност со правниот систем. Берлин повика на почитување на демократијата и владеењето на правото како основа за добрите билатерални односи со Анкара и односите со Европската Унија.




