Бразилското Обвинителство официјално поднесе тужба против 38-годишниот француски фудбалер Димитри Паје, обвинувајќи го за „сексуално, физичко и психолошко насилство“ на неговата поранешна девојка.
Обвинителите од Бразил го теретат поранешниот француски репрезентативец за злоупотреба на 28-годишната адвокатка Лариса Ферар, со која во минатото имал врска.
„Тужбата против Димитри Паје е поднесена и испратена до Судот за семејно насилство“, објави обвинителството, но без дополнителни информации за деталите.
Според бразилските медиуми, Паје се обвинува за емоционално насилство, вклучувајќи „болни и понижувачки коментари, понижување, манипулација и исмевање“ на својата поранешна партнерка.
„Мал чекор, но голема победа“, напиша адвокатот на Лариса Ферар на Инстаграм по објавувањето на обвинението.
Како што јавуваат медиумите, всушност, се повикуваат на полициски извештај во кој се наведува дека Паје, кој е во брак и има четири деца, признал за вонбрачна врска, но категорично ја негирал било каквата форма на насилство.
Димитри Паје од две години се приклучи на бразилскиот клуб Васко де Гама, откако претходно играл за клубови како Олимпик Марсеј, Вест Хем, Лил, Нант и Сент Етјен. За француската репрезентација одиграл 38 натпревари и постигнал осум голови.




