„Илика“ го објави романот „Забранета тетратка“ – ремек-делото на Алба де Сеспедес конечно достапно на македонски јазик

Издавачката куќа „Илика“ ја збогати својата книжевна понуда со уште едно значајно дело од светската литература. Во нивната кафе-книжарница сега е достапен романот „Забранета тетратка“ од познатата италијанска писателка Алба де Сеспедес, кој се смета за едно од клучните дела на европската книжевност од 20-тиот век.

Овој роман, првично објавен во 1952 година, е структурирано како дневник на Валерија Косати – жена од средната класа чиј живот е исполнет со секојдневни семејни обврски и улоги наметнати од општеството. Нејзиниот живот се менува кога купува една обична тетратка. Започнувајќи да ги запишува своите мисли, Валерија полека се соочува со своите чувства и открива колку длабоко е незадоволна од животот што го води.

Со своите интимни записи, Алба де Сеспедес создава извонреден психолошки портрет на жена која се осмелува да ја преиспита својата вистина, љубовта, сигурноста и навиките, како и улогите кои општеството ги поставува. „Забранета тетратка“ е роман за личната слобода, самооткривањето и создавањето простор во кој женскиот глас може конечно да се чуе.

Ова е втора книга во едицијата „Класици“ на издавачката куќа Илика. Преводот на италијанскиот текст го изработи Ирина Талевска, лектурата ја уредуваше Софија Чолаковска-Поповска, а графичкиот дизајн на изданието е дело на Ема Велковска и Марија Смилевска.

Со објавувањето на „Забранета тетратка“, Илика продолжува да им ги доближува на македонските читатели безвременските класици на светската литература, нудејќи дела кои и денес остануваат актуелни со својата тематика, длабочина и книжевна вредност.