Идната недела ќе се анализираат понудите за доизградба и реконструкција на болниците во Штип, Кичево и Тетово.

Завршен повикот за финансирање на здравствените проекти во Штип, Кичево и Тетово

Затворен е јавниот повик за избор на компанија што ќе ги финансира трите капитални проекти во здравството – во Штип, Кичево и Тетово. Владата во текот на наредната недела ќе ги разгледа и оцени пристигнатите понуди, соопшти од Кичево претседателот на Владата, Христијан Мицкоски.

Тој потсети дека овие вложувања се дел од стратешкото партнерство со Обединетото Кралство. Министерството за финансии спроведе меѓународен повик за избор на финансиска институција што ќе ги обезбеди средствата, при што како гаранција треба да настапи Ексим банката на Обединетото Кралство. Постапката е завршена и започнува анализа на понудите.

Инвестицијата е планирана во две фази. Во првата фаза влегуваат: изградба на новата Клиничка болница во Штип заедно со Факултетот за медицински науки и студентски дом, Здравствен дом со проширена дејност во Кичево и реконструкција на Клиничката болница во Тетово. Втората фаза е наменета за големиот клинички центар во Скопје. По завршување на евалуацијата и изборот на финансиска институција, се продолжува со реализација на проектите.

Прочитајте и:  Вардар и Шкендија ги открија противниците за третото коло.

Во однос на изградбата на затворениот базен во Кичево, премиерот посочи дека проектот е одблокиран и дека неговото завршување се очекува многу скоро. Како што рече, објектот бил наследен во практично застој, но пречките се отстранети и активностите продолжуваат, слично како и кај другите вакви инфраструктурни зафати.

Градоначалникот на Кичево, Александар Јовановски, информираше дека при преземањето затворениот базен немал приклучок за електрична енергија, ниту доведен кабел до објектот. Во меѓувреме е изведен електричниот приклучок и спроведено е пробно полнење на базенот. Преостанува да се асфалтира пристапот околу објектот, да се уреди паркинг-просторот и да се спроведе хортикултурно уредување.