И Тошковски и неговиот заменик останаа на „безбедно“ – не поминаа интерпелациите за владините функционери

Со седум гласа „за“ и со 52 „против“, пратенциите не ја поддржаа и интерпелацијата за вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ  

Денеска помина само интерпелацијата за пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути што ја поднесоа пратениците на Левица

Како и во случајот со првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити, вечерва во Собранието не поминаа ниту интерпелациите за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски и за вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ. 

Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски / Фото: Принтскрин

Од четирите интерпелации што против владини функционери ги поднесе опозицискиот „Европски фронт“ предводен од ДУИ, со идентичен исход завршија сите. И последната на која се одлучуваше за доверба на заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени не ја доби поддршката на мнозинството пратеници.  

Пратениците од „Европски фронт“, интерпелациите за членовите на Владата ги поднесоа на  3 декември, по случувањата за време на прославата на Денот на албанското знаме, на 28 ноември. Пратеничката Рина Ајдари, денеска, пред почетокот на седницата, ги образложи причините за нивното поднесување на интерпелациите. Наративот во однос на сите беше дека владините функционери не успеала да обезбедат меѓуетнички соживот по случувањата поврзани со прославата на Денот на албанското знаме кои, како што рече, ги имаат разнишано стабилноста и меѓуетничката хармонија во земјава. 

Сепак, уште пред почетокот, а и за време на расправите по интерпелациите, кои се одвиваа одвоено за секоја поединечно, партиите од владејачкото мнозинство, како и опозицискиот СДСМ и Левица  рекоа дека нема да ги поддржат.  

Социјалдемократите уште пред да биде изгласан дневниот ред на 29. пленарна седница, прва во новата година, ја напуштија седницата и воопшто не учествуваа во дискусијата и гласањето. 

Што се однесува до интерпелацијата за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, за неа гласаа само седум пратеници, додека 63 се изјаснија против. Со четири гласа „за“ и 62 „против“ Собранието не ја прифати и интерпелацијата за неговиот заменик, Астрит Исени. 

Со идентичен број гласови, како и во случајот со Тошковски – седум и со 52 „против“, претходно пратенциите не ја поддржаа интерпелацијата за вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ.  

Вицепремиерот и министер за односи меѓу заедниците, Иван Стоиљковиќ / Фото: Принтскрин

 Во одговорот на интерпелацијата поднесена за него од коалицијата „Европски фронт“, а која во најголем дел се однесуваше на случувањата од 28 ноември, кога на прославата на Денот на албанското знаме беше сквернавено македонското државно знаме, а потоа имаше и палење на албанското знаме, Тошковски рече дека одговорност ќе има за секој што ќе запали државно или знаме на која било етничка заедница. 

„Секој што згрешил, ќе одговара, а и сите што ќе запалат знаме на кој било етникум и притоа има докази ќе завршат во затвор. Тоа не е закана. Во врска со 28 ноември, Македонецот кој го запали албанското знаме истиот ден беше спроведен пред надлежен орган, а следниот ден беше во притвор, а во притвор завршија и тројцата Албанци кои го запалија македонското знаме“,

рече министерот за внатрешни работи.   

Инаку, интерпелацијата за министерот за внатрешни работи ја образложи пратеникот Елми Езири, кој од собраниската говорница кажа дека откако Тошковски е министер МВР е претворено во ВМРО, а кај Албанците се намалува довербата во оваа институција. 

„МВР е најважаното Министерство, неопходно за ред, стабилност и функционалност на државата, но за нас со декади е институција во која Албанците не се третирани на еднаков начин. Критериум е етничката припадност, а вие не дадовте најдобар пример граѓаните да ја сменат таа перцепција за Министерството. Денес МВР за помалку од седум месеци се претвори во МВР-ВМРО, земјава се претвори во полициска држава која им се заканува на граѓаните, ги заплашува конкретно Албанците да не креваат глас. Ова не може да се толерира“,

рече Езири. 

Одговарајќи на ваквите наводи Тошковски рече дека интерпелацијата е обид за манипулација и дефокус на македонската јавност. 

„Во образложението не кажавте апсолутно ништо, а додека зборувавте не ве слушнав ниту еднаш освен Албанците, да ги спомнете и Турците, Ромите, Власите, Србите, Бошњаците,…и сега вие ќе зборувате за селективен пристап и несоодветен третман на етничките заедници. Инаку, не се апсат Албанци, Македонци, Турци, Власи, туку се апсат криминалци и ќе се апсат. Сите кои душмански го краделе народот ќе се апсат, но не со циркузи како во ваше време, туку културно“,

рече Тошковски.  

Заменик-министерот за внатрешни работи, Астрит Исени / Фото: Принтскрин

Од четирите интерпелации за владините функционери за кои се расправаше и гласаше денеска прва беше онаа за првиот вицепремиер и министер за животна средина и просторно планирање, Изет Меџити. Интерпелацијата за него ја поддржаа само тројца пратеници, додека 64 се изјаснија „против“.

Инаку, денеска помина само интерпелацијата за пратеничката и претседателка на собраниската Комисија за социјална политика, демографија и млади, Илире Даути што ја поднесоа пратениците на Левица. Одговорност од неа се бараше поради одбивањето на го стави на дневен ред на Комисијата законот за бранители што во собраниска процедура се најде на предлог на пратеничката на СДСМ, Славјанка Петровска.  

Изгласувањето на интерпелацијата на Даути го отвори прашањето дали таа и понатаму останува да претседава со оваа Комисија или Собранието ќе треба да избере нов претседател, кој повторно треба да дојде од редовите на коалицијата „Европски фронт“.  

Со појаснување во врска со ова прашање се огласија од кабинетот на претседателот на Собранието, Африм Гаши од каде соопштија дека гласањето за интерпелацијата нема правнообврзувачки последици за разрешување и нема правно дејство.  

Именувањата и разрешувањата, велат од Кабинетот, се уредуваат со други посебни процедури утврдени во Деловникот на Собранието, законите и Уставот. 

Опозицискиот Социјалдемократски сојуз на Македонија реши да не учествува во расправата и гласањето за интерпелации со образложение дека нема дека нема потреба од нови поделби по етничка основа. 

„Македонското Собрание во ниту еден случај не смее да биде мегдан за поттикнување на какви било меѓуетнички тензии и отворање можности за поделби помеѓу граѓаните. Доколку намерите на подносителите биле вистински причините за интерпелациите, не смееле во ниту еден случај да бидат поврзани со етнички контекст, туку да бидат единствено со аргументи и со факти за работата на одреден министер или функционер. А, за жал аргументи, факти има колку сакате за да најдете причина за било каква интерпелација“,

рече Спасовски. 

- Реклама -