Таткото на Фросина, Тодор Кулаков, бара казна доживотен затвор за лицето што ја усмрти нивната ќерка.
Постапката што се води против Васил Јованов кој на пешачки премин ја усмрти Фросина Кулакова, е проширена и со постапка за испитување на влијанието и дејствата на неговите родители. Шефот на скопското Обвинителство, Гаврил Бубевски, вели дека се издадени наредби да се испита како му е овозможено на В.Ј. да има средство кое може да се толкува како општо опасно за предизвикување на несреќата.
„Васил очигледно располага со некое возило (…) Проширена е постапката и кон родителите и дадени се соодветни наредби и до Министерството за внатрешни работи, односно до Секторот за внатрешни работи Скопје – да ги испитаат овие околности во однос на тоа кој му давал средства за бензин на возилото, од кога е возилото, кога го употребувал, кога е купено… Значи сето тоа ќе биде предмет на анализа. И евентуално, ако може да се стават тие дејства во насока дека му се става општо опасно средство со кое е извршено кривичното дело, тоа би подлегнало на некаква одговорност“, изјави Бубевски на ТВ Телма.
Според Бубевски, таа постапка може да оди и во друга насока, бидејќи во моментов не се знае кои други факти би можеле да произлезат од испитувањето на околностите како тоа возило дошло во рацете на обвинетиот.
Повеќе ТУКА