Американскиот претседател Доналд Трамп повика на интензивна акција за апсење и протерување на недокументирани мигранти, оценувајќи ја оваа иницијатива како „најзначајна програма за масовна депортација во историјата“.
Во неговата објава на платформата Трут Соушл, синоќа, Трамп ги повика федералните агенти од Службата за имиграција и царина (ICE), како и други инситуции, да вложат максимални напори за реализирање на оваа стратегија, особено во градовите со демократско раководство како што се Лос Анџелес, Чикаго и Њујорк.
Овој одлучен потег предизвика масовни протести во повеќе граѓански средини низ САД. Напнатоста дополнително се зголеми кога Трамп распореди членови на Националната гарда и морнари во Лос Анџелес, на што реагираше гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, кој важи за можен кандидат за претседателските избори во 2028 година.
Масовните депортации беа едно од основните ветувања на Трамп за време на неговата изборна кампања. По стапувањето на функцијата, неговата администрација спроведе низа акции за апсење, редовно објавувајќи соопштенија и фотографии во рамките на својата стратегија за имиграциската политика.
Проценките укажуваат на тоа дека околу 11 милиони луѓе живеат без документи во САД, а многумина од нив работат во клучни сектори како што се земјоделството, градежништвото и угостителството.
Во четвртокот, Трамп направи мала корекција, сугерирајќи дека работниците во земјоделскиот и хотелскиот сектор можеби ќе бидат изземени од акцијата. Според информации на Њујорк Тајмс, оваа промена доаѓа по телефонски разговор со министерот за земјоделство Брук Ролинс, кој го информирал Трамп за загриженоста на земјоделците.




