Портпаролот на военото крило на организацијата соопшти дека тие се спремни да ги спроведат сите услови од договорот и временската рамка за размена на заробеници
Милитантската организација Хамас ќе го почитува договорот за прекинот на огнот во Појасот Газа и ќе соработува во процесот на размена на заробеници, уверува портпаролот на военото крило на Хамас, Абу Обаида. Тој вели дека иако Хамас ќе се придржува целосно до договорот, сепак неговото спроведување зависи и од почитувањето на договорот од страна на Израел, и предупредува дека секое еднострано прекршување на условите од израелска страна може директно да влијае врз безбедноста на израелските заробеници и непреченото спроведување на веќе договореното.
„Народот во Газа пружи „историски отпор“ во последните месеци. Големите жртви и крв што ги пролеа нашиот народ нема да бидат залудни“,
рече Абу Обаида.
Претходно денеска, како што беше договорено, Хамас ги ослободи првите три заложници од вкупно триесет и три. Тие се првите од вкупно 33-те кои треба да бидат ослободени во согласност со првата фаза од договорот за прекин на огнот помеѓу Израел и Хамас во Појасот Газа. Меѓународниот комитет на Црвениот крст обелодени дека нивни претставници веќе ги презеле трите заложнички и оти тие се движат кон Израел.


Според договорот, Црвениот крст ги предаде трите заложнички на израелската армија во Појасот Газа, а оттаму со воено обезбедување тие беа пренесени во воен објект во Израел, по што се упатија кон болница во Тел Авив, каде се сретнаа со нивните родители.