Проблематичниот повраток на Никола Груевски
Поранешниот премиер Никола Груевски, кој веќе скоро осум години живее во Унгарија, формално носи две правосилни пресуди за издржување затворски казни. Сепак, сложените правни околности создаваат ситуација во која неговиот можен повраток во Македонија не подразбира автоматска издршка на казната.
Според актуелната состојба, една од пресудите, поврзана со случајот „Насилство пред Општина Центар“, застарува веќе идната година. Тоа значи дека по истекот на тој рок казнениот дел воопшто не ќе може да се издржува. Што се однесува до случајот „Плацеви на Водно“, каде му е изречена затворска казна која застарува во 2043 година, Груевски има право да побара повторно судење, бидејќи му било судено во отсуство. Ова отвара можност за нов судски процес, наместо директно да биде упатен на издржување казна.
Во меѓувреме, дел од најсериозните обвиненија против него веќе застареа по измените на Кривичниот законик, вклучувајќи ги случаите „ТНТ“ и „Траекторија“, како и претходно изречената казна за набавката на службениот автомобил. И покрај тоа, Груевски останува обвинет во предметите „Титаник“ и „Талир“, кои се водат пред судовите, но со честички одложувања и рестартирања на постапките.
Според неофицијални извори, последното барање за негова екстрадиција од Македонија било испратено во 2022 година, но било одбиено од унгарските власти, кои му доделија политички азил во 2018. Во текот на неговиот престој во Унгарија, Груевски основа компанија во близина на Будимпешта, планирајќи деловни активности во различни сектори. Дополнително, во 2022 година, Министерството за финансии на САД го стави на црната листа поради, според нив, значителна корупција.
Со оглед на правните опции – застарување на дел од делата и правото на повторно судење – сценариото за негово враќање во Македонија отвора сериозни дилеми. Дали ќе се соочи со ефективна затворска казна или неговото враќање ќе значи нов судски циклус со непредвидлив исход?




