Груби заминал од државата заедно со почесниот конзул на Косово во Македонија, непосредно пред полициската акција

Поранешниот прв вицепремиер Артан Груби непосредно пред полициската акција поврзана со проневера од над 8.2 милиони евра во Државната лотарија, заедно со стопанственик со дипломатско возило вчера ја напуштил земјава и заминал во Косово.

Бизнисменот кој со своето возило и дипломатските таблички го превезол Груби до Косово непосредно пред почетокот на полициската акција, како што дознава Телма од извори на истрагата, е Арсим Папранику, успешен бизнисмен во регионот и сопственик на „Нептун“, кој исто така инвестираше и во изградбата на Ист Гејт Мол, но од 2018-та е и почесен конзул на Косово во земјава.

Премиерот Христијан Мицкоски, синоќа во гостување во „Click Plus” на ТВ21, откри дека Груби со дипломатско возило со еден стопанственик заминал за Косово.

-Моите информации се дека поранешниот директор на Државна Лотарија подолго време не е во земјата. Додека, поранешниот вицепремиер во текот на вчерашниот ден со еден стопанственик, со возило со дипломатски таблици ја напуштил Македонија и се упатил кон нашиот северен сосед Косово, рече Мицкоски.

Претходно министерот за внатрешни работи Панче Тошковски, потврдувајќи дека Груби излегол од државата, информираше и дека се сторени пропусти од страна на граничната полиција, за што се води истрага.

Груби, според објави на повеќе медиуми, веќе ангажирал адвокат кој ќе го застапува во предметот за кој е обвинет.

- Реклама -