Градскиот воз беше тестиран: Патот од Маџари до центарот на Скопје трае само пет минути.

Брз и ефикасен јавен превоз во Скопје

Патувањето од Маџари до центарот на Скопје со воз трае само пет минути, во споредба со значително подолг пат со автобус. Оваа практична анализа беше презентирана на конференцијата „Сообраќај за сите – Скопје“, организирана од здружението „Го зелено“.

Учесниците прво патуваа со автобус на Јавното сообраќајно претпријатије (ЈСП) од Карпош 4 до Маџари, следејќи ја предвидената траса за идниот брз автобуски превоз (БРТ). Потоа, се префрлија на воз кој за неколку минути ги донесе до железничката станица во Скопје. Во моментот кога возот стигна, автобустот сè уште беше на пат.

Целта на настанот беше да се прикаже потенцијалот на јавниот превоз и да се истакне важноста на развојот на БРТ-системот и градскиот воз како модерни решенија за поефикасна урбана мобилност. Дарко Арсовски-Петровски, експерт за одржлива урбана мобилност од „Го зелено“, истакна дека оваа активност е дел од третото издание на регионалната конференција, која оваа година се одржува за првпат во Македонија.

„Имавме можност да патуваме со ЈСП по трасата на идниот БРТ, а со градскиот воз стигнавме од Маџари до Скопје за рекордно време од пет минути“, рече Арсовски-Петровски. Тој додаде дека железничкиот превоз нуди значајни предности во услови на сè поголемиот сообраќаен метеж.

Директорката за пруги во ЈП Железничка инфраструктура – Скопје, Ивана Бикоска, информираше дека проектот „Градски воз“ ќе се реализира во три фази, а моментално најнапредната е делницата Зелениково – Скопје, каде што веќе се завршени 90,88% од градежните работи. Таа нагласи дека рокот за пуштање во употреба на првата фаза е 1 септември, но дека реализацијата ќе зависи и од обезбедувањето соодветен возен парк.

Според Горанчо Јовановски, директорот за патнички сообраќај, автобусите на оваа релација патуваат за околу 65 минути, додека железничкиот превоз има четири пати поголем капацитет и значително пократко време на патување. Оваа иницијатива за старт на градскиот воз веќе има обезбедени возила, а во тек се преговори за набавка на нови композиции. Во првичната фаза, во утринските часови ќе сообраќаат два воза, а во текот на остатокот од денот по еден, сè до комплетирањето на возниот парк.

Во меѓувреме, жителите на Ново Лисиче повторно ја изразија својата загриженост поради локацијата на последната станица и депото за БРТ, предупредувајќи дека проектот би можел да зафати дел од паркот „Рајска градина“. Тие поддржуваат подобрување на јавниот превоз, но предлагаат алтернатива на блиското државно земјиште со цел да се сочува постојното зеленило.