„Градски ѕид добива уреден рекреативен парк со детско игралиште, фитнес зона и нови зелени површини“

Градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски, беше во посета на активностите за уредување на просторот во Градски Ѕид, зад објектот „Краш“, на потегот од Зелено пазарче до улицата „Македонија“. Во моментов, се реализира битуменска хидроизолација на подземните гаражи на површина од околу 2.600 квадратни метри, што ќе го реши долгогодишниот проблем со протекувањата.

Паралелно со ова, се работи на целосно поплочување на просторот со нови елементи, со што ќе се обезбедат уредени и безбедни пешачки патеки за граѓаните. Оштетените плочи се отстрануваат, а просторот добива нов современ изглед.

Старото и дотраено детско игралиште е отстрането, а на негово место се инсталира ново и проширено игралиште, опремено со современи реквизити и безбедна подлога. Покрај игралиштето ќе биде уредена и фитнес зона, опремена со справи за вежбање и рекреација, наменета за сите категории на граѓани.

Прочитајте и:  ЕВН Македонија започна со користење на првиот систем за складирање на енергија на батерии.

Проектот опфаќа и хортикултурно уредување, поставување нов систем за полевање и нова урбана опрема, со цел да се создаде современ парк во централниот дел на градот. „На барање на жителите, го уредуваме овој потег за да биде попријатен, побезбеден и пофункционален за секојдневна употреба“, изјави градоначалникот Герасимовски.