Гостување на Солунската филхармонија во Скопје на 17 мај

На 17 мај, со почеток во 19.30 часот, Државниот симфониски оркестар од Солун за првпат ќе гостува на сцената на Македонската филхармонија. Ова гостување следи по заедничката изведба на Македонската, Солунската и Софиската филхармонија во Софија, каде што на 17 февруари беа презентирани делата на музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф. Во тек се финалните преговори за концерт на Македонската филхармонија во Солун.

Симон Трпчески објаснува дека на заедничкиот состанок во Солун во октомври минатата година, заедно со Најден Тодоров, директор на Софиската филхармонија, и Симос Папанас, директор на Државниот симфониски оркестар од Солун, се договориле да организираат концерт во Софија, а и да ги прошират овие настапи и во Македонија и Грција. Веќе донесоа договор за гостување на Солунскиот оркестар во Скопје и се наоѓаат во завршна фаза на преговори за настап на Македонската филхармонија во Солун кон крајот на јуни. Во овој период, ќе биде потпишан и меморандум за соработка помеѓу двете институции. Според Александар Котевски, в.д. директор на Филхармонија, ова ја покажува моќта на културата за создавање пријателства и нови соработки.

На сцена ќе се истакнат нашиот пијанист со интернационална кариера, Симон Трпчески, и познатата грчка сопранистка Мирто Папатанасиу. Диригентската палка ќе ја држи Владимирос Симеонидис од Грција. На репертоарот се најавени Концертот за пијано и оркестар во Ге-дур од Морис Равел, „Пет народни грчки песни“ во оркестрација на Равел и Розентал, „Ла валс“ од Морис Равел, како и неколку дела од грчкиот композитор Емил Риадис.