Гостивар во спомен на 16-те загинати во несреќата од 13 февруари 2019 – Gostivarpress.mk

Во чест и спомен на шеснаесетте настрадани во автобуската несреќа, која се случи на денешен датум во 2019-та година, попладнево во Гостивар се одржа Комеморативен собир организиран од општината.

Најблиските семејства, роднини, пријатели, претставници на локалната самоуправа се собраа во малиот градски парк кај симболично засадените 16 дрвца, да им оддадат почит на непроболените, жртви во трагедијата. Беа запалени свеќи и кандилца, а на спомен плоча со нивните имиња која е поставена годинава, се положуваа цвеќиња.
„Денес сме тука да ја одбележиме шестгодишнината од трагичниот настан кај Ласкарци. Поставивме спомен плоча на која се изгравирани шеснаесетте имиња на жртвите на оваа несреќа. Со ова сакаме пред сѐ сакаме да им изразиме сочувство на сите семејства што ги изгубиле своите најблиски, но и да испратиме порака-вакви случувања, вакви несреќи никогаш да не се повторат“, рече градоначалникот Ваљбон Лимани.

На 13 февруари 2019-та година автобусот на Дурмо Турс, кој тргнува кон Гостивар од скопската автобуска станица во 16 часот и 15 минути со 51 патник, излета од коловозот, ги проби банкините, падна и се преврте на стариот дел од патот.
Во несреќата животите ги загубија: Дејан Ристоски, Раметула Абдураими, Валдете Хамити, Јовица Трпевски, Бесим Фетаи, Онур Садику, Есат Емрули, Ајдин Исмаили, Бејза Узеири, Зоран Давидовски, Бобан Аврамовски, Трпана Јаневска, Павле Костоски, Арсе Арсоски, Ферди Касо и Ерза Османи.
Семејствата на жртвите денес се собраа и на местото на несреќата да положат цвеќе, и од таму изразија револт и огорченост за судските одолговлекувања и побараа правда.

Извор