Голоб: Словенија сè уште не ќе се приклучи на Советот за мир

Словенечкиот премиер Роберт Голоб изјави дека во моментов не е соодветно време за Словенија да се приклучи на т.н. Одбор за мир, кој го води американскиот претседател Доналд Трамп. Тој истакна дека главната загриженост се состои во широкиот мандат на ова тело, што може да ја наруши стабилноста на меѓународниот систем заснован на Повелбата на Обединетите нации.

Голоб посочи дека меѓународниот поредок, во кој Обединетите нации играат централна улога, децении наназад служи не само на интересите на Словенија, туку и на цела Европа, обезбедувајќи мир и стабилност. Ризикот од разградување на системот на ОН е она што најмногу го загрижува, бидејќи предложениот одбор ги надминува овластувањата од резолуција на Советот за безбедност и ги пречекорува границите кои Словенија би ги прифатила како суверена држава.

Премиерот нагласи дека Словенија е подготвена да соработува ако мандатот на одборот биде поточно дефиниран и насочен кон специфични прашања, како што се поствоената обнова на Газа и Западниот Брег. Тој соопшти дека нема да присуствува на потпишувањето на основачката повелба на одборот во Давос, но дека истата вечер ќе се сретне со лидерите на земјите-членки на Европската Унија во Брисел.

Голоб истакна дека ќе се залага за единство и решителност меѓу европските држави при давањето заеднички одговор, со акцент на правото на територијален интегритет, суверенитет и неповредливост на границите, вклучувајќи и прашањето за Гренланд. Тој нагласи дека со испраќањето на двајца офицери на Гренланд, Словенија испраќа јасна порака за одбрана на принципите на територијалниот интегритет и неповредливост на границите, повторувајќи дека Гренланд им припаѓа на Гренланѓаните и дека Словенија поддржува нивниот суверенитет.