Министерот за здравство, Азир Алиу, изјави дека една година по трагичниот настан во Кочани, државата и понатаму ги памти храброста и посветеноста на здравствените работници, како и солидарноста од пријателските земји во лечењето на повредените. На отворањето на Меѓународната конференција, посветена на институционалните и клиничките аспекти на пожарот, министерот истакна дека здравствениот систем поминал низ многу тешки моменти – од првичната интервенција, спасувањето на повредените, па сè до нивниот третман и рехабилитација.
„Посебна благодарност упатувам до над 400 здравствени работници од јавните и приватните здравствени установи во нашата земја, кои во тие критични денови работеа со непроценлива посветеност, концентрација и професионализам. Во миговите кога секоја минута имаше значење, вие бевте нашите вистински соработници во спасувањето на човечките животи“, нагласи Алиу.
Тој истакна дека голем број тешко повредени пациенти биле транспортирани на лекување во странство, за што упати благодарност до медицинските тимови од странските центри. Министерот посочи и на важноста на координацијата помеѓу институциите, истакнувајќи дека соработката на кризните штабови на Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи овозможила висок степен на меѓуинституционална соработка.
„Благодарение на таа организираност, 115 пациенти беа успешно упатени на лекување во здравствени установи низ Европа, во услови кога секоја одлука мораше да биде донесена брзо и точни“, рече министерот.
Алиу додаде дека трагедијата во Кочани покажа дека последиците од вакви настани не се само физички, туку оставаат длабоки психолошки последици не само на повредените, туку и на нивните семејства и пошироката заедница. „Психолошката и психосоцијалната поддршка ја третиравме како важен дел од здравствениот одговор. Искуствата од Кочани создадоа потреба од дополнително јакнење на капацитетите на медицинските тимови за третман на тешки изгореници, масовни несреќи и долготрајна рехабилитација“, заклучи министерот.
На крајот, тој напомена дека најголемата обврска кон жртвите и повредените е изградбата на посилен и поотпорен здравствен систем, кој навремено ќе реагира и ќе обезбеди највисоко ниво на грижа за секој граѓанин.




