Оваа година, програмата е фокусирана на македонската музика – песни кои многумина ги знаат, но ќе ги доживеат на нов начин. Форматот му дава на актерот друга улога, каде музиката станува средство за личен израз, а познатите композиции добиваат нов живот низ соло изведби, дуети и групни настапи.
Годинава, за првпат во проектот учествуваат Владимир Петровиќ, Григор Јовановски, Стефан Спасов, Денис Абдула, Анастасија Трајковска и Катерина Јовановиќ, кои ќе настапат со веќе познатите имиња на шоуто: Игор Ангелов, Рубенс Муратовски, Весна Петрушевска, Билјана Драгичевиќ Пројковска, Петар Горко, Сања Арсовска, Катерина Илиевска Силјановска, Калина Наумовска, Марина Поп Панкова, Слаѓана Вујошевиќ, Маја Андоновска Илијевски, Гордана Ендровска, Емилија Мицевска, Трајанка Илиева Велиќ, Нина Деан, Наталија Теодосиева, Тина Трпкоска, Нина Елзесер, Ања Митиќ, Антонио Ташковски и Горан Ников.
Режијата е во рацете на Дејан Пројковски, а актерите ќе бидат придружувани од голем оркестар под диригентската палка на маестро Љупчо Мирковски. Аранжманите се изработени од Бобан Мирковски, кореографијата ја потпишува Олга Панго, а костимографијата е дело на Марија Пупучевска.

„Се радуваме што и оваа година публиката ќе има можност да ја прослави оваа уникатна актерска вечер. „Глумците Пеат“ е формат во кој актерите не раскажуваат туѓи приказни, туку преку музиката изразуваат нешто од своето срце. Се пее и свири во живо, идеите се раѓаат на пробите, а токму таа слобода му дава посебен ритам на шоуто и создава атмосфера која е препознатлива“, велат организаторите.
Шоуто е создадено од Марин Бабиќ во 1990-тите и денес продолжува преку неговите ќерки Маја и Ира Бабиќ.
Двете вечери се ближат кон распродадени, а преостанатите билети можат да се набават преку MkTickets.mk и во книжарниците на Литература.мк.




