Орце Ѓорѓиевски најави почеток на процесот за затварање на депонијата Вардариште, по завршувањето на физибилити студијата. Тој истакна дека се идентификувани 22 точки, односно бунари, за собирање на отпадни гасови кои со години се акумулирале на оваа локација. Од сите обележани точки ќе се земаат примероци за анализа во сертифицирани лаборатории, со цел прецизно утврдување на количеството и составот на гасовите.
Во исто време, се спроведува и темелно чистење на површината на депонијата. Ѓорѓиевски посочи дека Вардариште ќе претрпи целосна трансформација, а просторот, кој со децении бил оставен на маргините и претставувал еколошки ризик, ќе добие нова намена.
На оваа локација е планирана изградба на современ мега парк со површина од околу 300.000 квадратни метри, кој ќе биде наменет за рекреација, спорт и зеленило. Дополнително, е најавена и изградба на мост кој ќе ги поврзува општините Гази Баба и Аеродром, со цел да се намали сообраќајниот метеж и да се подобри градската поврзаност. Од Град Скопје истакнуваат дека овој проект означува почеток на долгорочна еколошка и урбана трансформација на овој дел од градот.



