„Христос се роди! Божиќ е празник кој тивко нè зближува околу највредното, семејството. Тој нè потсетува на важноста на слогата и единството меѓу блиските, укажувајќи ни колку е значајно да стоиме еден покрај друг, да си даваме поддршка безусловно, во радост и во тешки времиња“, истакнува Ѓорѓиевски во својата честитка објавена на социјалните мрежи.
Тој во своето обраќање, порачува секој нов ден да биде благословен со успех, мир и надеж за подобро утре.
„Да бидеме добри луѓе, со чисти срца, исполнети со разбирање и почит. Нека ни биде полесно да простуваме, да сакаме безрезервно и да не заборавиме дека вистинската сила се раѓа во добрината и човечноста. Да останеме сплотени, со топлина и разбирање во нашите семејства, бидејќи токму тоа е темелот што нè води низ сите предизвици на животот. Нека светлината на Христовото раѓање ги осветли нашите домови и срца. Честит Божиќ. За многу години!“, пишува тој.
Ѓорѓиевски нагласува дека Божиќ е ден кога срцата се отвораат и добрината станува главна порака.
„Божиќ е најрадосниот празник, празник на Христовото раѓање, празник на животот, надежта и љубовта. Овој ден ни дава повод да бидеме блиски и заедно. Денес, во духот на овој свети празник, имав чест да присуствувам на Божествената литургија во Соборниот храм, водена од архиепископот г.г. Стефан. Молитвата и заедништвото уште еднаш ни ја потсетија силата на верата и значењето на единството“, додава Ѓорѓиевски во честитката за Божиќ.




