„Имав средба со дел од невладините организации и здруженијата на граѓани од Скопје – луѓето кои најдобрe ги познаваат потребите на нашиот град и секојдневните предизвици на скопјани. Разговаравме во пријатна и конструктивна атмосфера, искрено дискутирајќи за проблемите од минатото, но уште поважно, со конкретни идеи и решенија за иднината“, изјави Ѓорѓиевски.
Според Ѓорѓиевски, во согласност со добрите европски практики, на состанокот биле споделени важни предлози во области како што се животната средина, хигиената, социјалната заштита, културата, младите, лицата со инвалидитет, ретките и хронични болести и многу други аспекти.
„Секое нивно размислување го забележав со големо внимание, а со сигурност ќе биде составен дел од моята програма, која ќе ја создадеме заедно. Верувам дека вистинскиот пат е партнерството – заедничка работа, почит и визија за достоинствено Скопје. Во мене секогаш ќе имаат поддршка и искрен соработник“, вели Ѓорѓиевски.
Тој акцентира дека Скопје заслужува многу повеќе и дека заеднички ќе работиме на враќање на достоинството и градење на градот каков што сите го посакуваме.
Ѓорѓиевски истакнува дека еден од првичните приоритети за градот Скопје ќе биде проширување на булеварот „Цветан Димов”, бидејќи секојдневно, повеќе од 100.000 граѓани ја користат оваа делница која ги поврзува Чаир, Бутел, Шуто Оризари и Центар. Но, за жал, сите досегашни ветувања од поранешните градоначалници останаа само на зборови.
„По големата победа во октомври – со поддршка од сите наши сограѓани, Македонци, Албанци, Турци, Роми, Власи и други, една од првите задачи ќе биде токму оваа. Скопје заслужува безбеден и функционален булевар, а нашата цел е тоа да се постигне со сериозна работа и многу труд“, додаде Ѓорѓиевски.
Со заложба за транспарентна и искрена соработка, тој нагласи дека секогаш ќе биде отворен за дијалог и иницијативи кои го подобруваат животот во градот.
„Сме свесни во каква состојба се наоѓа градот и нашата цел е да направиме разлика. Потребно е да ги вратиме во функција запоставените јавни претпријатија, да ја исчистиме депонијата и да го надминеме сообраќајниот хаос, носејќи вистински решенија за безбеден, чист и достоинствен град“, заклучи Ѓорѓиевски.




