Ѓорѓиевски на Генералното собрание на ЗЕЛС: Остваривме значаен напредок

Во своето обраќање, истакна дека изминатата година беше исклучително плодна. Како значајни постигнувања, ги спомена потпишувањето на новиот Меморандум за соработка со Владата, добиената финансиска поддршка преку унгарскиот кредит за инфраструктурни проекти, како и зајакнувањето на партнерството со повеќе министерства, особено во областа на финансирањето на општините и противпожарната заштита.

ЗЕЛС, како што нагласи, продолжува активно да работи на своите три стратешки цели: лобирање пред централната власт, јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка на дигитализацијата на општинските услуги. Најавена беше и изработката на нова петгодишна стратегија за периодот 2026–2030 година.

Меѓу значајните законски измени во парламентарна процедура е иницијативата на ЗЕЛС за можност за отповикување на градоначалникот, како и формирањето на форуми во заедницата за поголемо учество на граѓаните во донесувањето одлуки.

„Почитувани делегати, локалните избори се пред нас, и денес можеби е последната средба во овој состав на делегати на Генералното собрание на ЗЕЛС. Им честитам на оние кои веќе се ставени на листите за изборната трка за градоначалници или советници и се надевам на фер и демократски избори. Како претседател на ЗЕЛС, ви се заблагодарувам за вашата поддршка во изминатиот период. Се трудам да ја оправдам довербата и верувам дека успеав во тоа. Особено би им се заблагодарил на членовите на Управниот одбор на ЗЕЛС, кои со своите конструктивни дискусии и посветеност во работата на ова тело помогнаа во иницирањето на бројни предлози за решавање на специфични предизвици и за развој на локалната власт“, изјави претседателот на ЗЕЛС.

Според него, активностите на ЗЕЛС, како и во претходните години, се реализирале во согласност со трите стратешки цели: лобирање пред централната власт, јакнење на капацитетите на општинската администрација и поддршка на општините за непречено спроведување на електронските услуги.

„Актуелната стратегија на ЗЕЛС истекува оваа година и веќе започнавме со подготовките за нова стратегија за периодот 2026-2030 година. Формиравме работна група која наскоро ќе се состане и ќе ги разгледа одговорите од анкетата што беше испратена до вас, и верувам дека набргу ќе имаме и првата верзија на предлогот. Работевме напорно, чесно и посветено. Почитувани колеги, сакам да ви се обратам не само како претседател на ЗЕЛС, туку како ваш колега и сограѓанин, кој добро ја разбира тежината на оваа функција. Не заборавајте – на местото каде што сте, сте поради довербата на граѓаните! Таа доверба е највреден капитал што го имаме и најголемиот долг што треба да го вратиме. Секое ветување што сте го дале е обврска што чека исполнување. Доколку нешто не сте успеале да реализирате, сè уште имате време – потрудете се, не оставете го недовршено. Бидете пример – за вашите вработени, за вашата заедница, за вашето семејство. Ние сме лицето на локалната власт, која мора да биде достоинствена, транспарентна и одговорна“, додаде претседателот на ЗЕЛС, Орце Ѓорѓиевски.

Тој апелираше пред нас да бидат фер, демократски и достоинствени локалните избори.

„Да покажеме дека зрелоста на едно општество се мери и со начинот на кој ги спроведува изборите. Нека бидат празник на демократијата, а не арена на поделби. Вие сте тие што ја градите иднината на вашите општини – градете ја со визија, со срце и со чесност. Се надевам дека многумина од вас ќе ја продолжат оваа мисија и понатаму, но без разлика на исходот, останете доследни на вредностите по кои треба да се води секој градоначалник – посветеност, одговорност и љубов кон луѓето“, заклучи Ѓорѓиевски.