Според Ѓорѓиевски, реализацијата на овој проект е од витално значење за Скопје.
„Со неговото завршување, Скопје ќе добие современа и функционална сообраќајна врска меѓу северниот и западниот дел на градот. Оваа врска ќе овозможи подобар пристап до населбите Злокуќани, Бардовци, како и до Индустриската зона, што дополнително ќе ги растовари булеварите Партизански одреди и Илинденска. Граѓаните ќе имаат побрз, побезбеден и поефикасен излез кон обиколницата, а сообраќајот во овој дел од градот ќе тече многу полесно и организирано“, вели Ѓорѓиевски.
Во продолжение, тој укажува дека во минатото проектот бил застојан поради потребата од добивање мислење и дозвола од Конзерваторскиот центар, со цел да се осигура целосна заштита на локалитетот „Скупи“.
„Сепак, со посветен труд, одговорен пристап и силна волја, потребната дозвола е успешно обезбедена, културното наследство е заштитено, а градежните активности од денес продолжуваат со поголем интензитет. Паралелно со изградбата, планирано е и современо сообраќајно решение за влезот во селото, преку кружен тек или адаптивна семафоризација, согласно реалните потреби на теренот. Тоа ќе доведе до помал метеж, поголема безбедност и подобар проток за возила и пешаци, а ќе ја обезбеди и целосната заштита на културното наследство во Скупи. Унапредувањето на патната и сообраќајната инфраструктура е нашиот главен приоритет, бидејќи тоа директно влијае на подобрување на квалитетот на животот на секој граѓанин. Скопјани заслужуваат функционален, поврзан и модерен град“, истакнува градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, на својот официјален профил на социјалните мрежи.





