Ѓоковиќ ги критикуваше навивачите на Руне по пласманот во четвртфиналето


За нешто повеќе од два часа игра, Србинот Новак Ѓоковиќ го победи Данецот Холгер Рун со 6:3, 6:4, 6:2 и на тој начин стигна до своето 15. четвртфинале на Вимблдон и рекордно 60. четвртфинале на Грен-слем турнирите, но во интервјуто по натпреварот им возврати на навивачите на неговиот противник за она што го сфатил како израз на непочитување кон него.

На еден дел од трибините на централниот терен беа собрани група навивачи на Руне, кои често го извикуваа името на својот миленик, но по малку звучеше како да протестираат против најуспешниот тенисер на сите времиња.

„До сите навивачи кои беа со почит и останаа овде вечерва, ви благодарам од сѐ срце, го ценам тоа. А на сите оние луѓе кои избраа да не го почитуваат играчот, во овој случај мене, добра ноќ. Добра ноќ, доообра ноќ, доооообра ноќ“, рече Ѓоковиќ обидувајќи се да го имитира звукот што го придружуваше за време на натпреварот.

Меѓутоа, водителот се обиде да му објасни на Ѓоковиќ дека тоа било скандирање за неговиот ривал. Сепак, 37-годишниот ветеран не беше разубеден.

„Покажаа непочитување, покажаа, покажаа. Јас не го прифаќам тоа. Знам дека навиваа за Руна, но и тоа беше изговор за исвиркување. Слушајте, јас сум на турнеи повеќе од 20 години. Верувајте ми, ги знам сите трикови. Знам како оди тоа, но во ред е. Се фокусирам на оние луѓе кои имаат почит, кои плаќаат билет и го сакаат тенисот“, рече Ѓоковиќ на повторените извици од навивачите на Руне.

„Го сакате тенисот и ги цените играчите, го цените трудот што играчите го вложуваат овде. Сум играл во многу понепријателска атмосфера, верувајте ми. Ништо не ми можете“, возврати српскиот тенисер.

На прес-конференцијата тој беше запрашан дали организаторите на Вимблдон треба да прибегнат кон санкции против вакви навивачи. Но, овде Новак беше поумерен во критиките за однесувањето на гледачите кои не се на негова страна.

„Не знам што можеше да направи Вимблдон во тие моменти. Тоа се луѓе кои платиле за влезниците, тие имаат право да бидат таму и да навиваат како што сакаат. Тие се оние кои одлучуваат како ќе се однесуваат, како ќе го поддржат и навиваат за играчот. Можеби во некои моменти судијата би можел да се вклучи, да се обиде да ги смири, но не можете многу да направите. Нема да испразните цел дел од трибините затоа што некој е непочитуван. Тоа е, како што е. Тоа е спорт. Затоа овој турнир е толку важен, затоа сме препознаени како тенисери ширум светот. Сето тоа е поради навивачите. Плаќаат влезници, чекаат во редици да нѐ гледаат и јас го почитувам тоа. Ги почитувам сите што ги почитуваат играчите. Секако дека некој секогаш ќе навива за некого, што е нормално, но јас реагирам кога ќе ја премине границата на учтивост. А тоа се случи и затоа јас така реагирав по натпреварот“, рече Ѓоковиќ

Противник на Ѓоковиќ во четвртфиналето е Австралиецот Алекс Де Минор, а тој меч е закажан за в среда. Српскиот тенисер е во потрага по осмата титула на Вимблдон и рекордниот 25. Грен-слем трофеј.

- Реклама -