Ги повикувам навивачите да ја исполниме салата!

Ракометарите на ГРК Охрид утре ќе ја одиграат својата прва осминафинална средба во ЕХФ Европскиот куп, а противник ќе им биде Дукла Прага, позната како првиот европски шампион. На денешната прес-конференција, тренерот на охриѓани, Борис Ројевиќ, издвои:

– Пред нас е сериозен противник кој двапати се закити со титулата шампион на Европа. Дукла е респектабилна екипа, со тројца чешки репрезентативци и тренер кој е дел од тамошната репрезентација. Клубот има голема историја и ние со нетрпение очекуваме овој натпревар. Ги повикувам нашите навивачи да дојдат во голем број и да создадат атмосфера слична на онаа против Еурофарм Пелистер, бидејќи тоа ќе ни значи многу. Имавме некои промени во составот и формата можеби не е на посакуваното ниво, но сме подготвени за овој предизвик.

Утрешниот дуел меѓу Охрид и Дукла ќе се одржи во сабота во Спортскиот центар „Билјанини Извори“, со почеток во 18:00 часот. Судии на натпреварот ќе бидат Генц Бујапи и Гетаор Бујапи од Косово. (МИА)