Германскиот министер за надворешни работи со резерва се изрази за распоредувањето на германски војници во Украина.

Германскиот министер за надворешни работи, Јохан Вадефул, денеска изрази сомнеж во врска со предлогот за испраќање германски војници во Украина како дел од западните безбедносни гаранции против руските напади, јавува агенцијата ДПА.

„Таквиот потег веројатно ќе ја оптовари Германија“, нагласи тој, оценувајќи ја оваа можност како „далечна“. Според него, фокусот на Германија е насочен кон одбраната на НАТО територијата, при што истакна дека земјата е единствена во Европа која има борбена бригада распоредена во Литванија.

„Ова не значи дека не можеме да ја поддржиме Украина на други воени и технички начини“, додаде Вадефул. Тој повторно го истакна ставот дека единствено Украина може да донесе одлука за тоа дали и под кои услови би отстапила територија.

„Таков чекор може да се преземе само ако Украина е убедена дека руската агресија нема да се случи повторно — тоа подразбира безбедносни гаранции“, додаде тој.

Вадефул, исто така, нагласи дека водечката улога на Германија во овој конфликт е превасходно политичка. Според него, канцеларот Фридрих Мерц успеал да ја обедини Европа во поддршката за Украина, иако постојат разлики во националните интереси.

„Ова не беше секогаш случај“, забележа Вадефул.