Германската федерална влада планира значително да ги заостри законите во однос на тероризмот и шпионажата, пренесува германскиот весник „Билд“. Федералната министерка за правда, Стефани Хубиг, подготвила пакет законски измени што е испратен до федералните покраини за разгледување.
Предложените измени предвидуваат проширување на кривичната одговорност во три важни области – влегувањето на терористи во земјата, подготвувањето на терористички акти и построги мерки против странски шпиони.
Според „Билд“, досега не беше експлицитно утврдена кривичната одговорност за влегување во Германија со намера да се изврши терористички напад. Новиот закон воводи казни за лицата кои влегуваат во земјата со таква намера, вклучително и членови на паравоени формации поврзани со терористички организации.
Во однос на подготовките за терористички акти, нацрт-законот предвидува дека ќе се гонат и подготовките за напади со употреба на т.н. „опасни средства“, како што се возила или ножеви. Оваа одредба го проширува постојниот член 89а од германскиот Кривичен законик, во светло на се почестата употреба на секојдневни предмети во терористичките напади.
Третата клучна област се построги мерки против странски шпиони, каде се предвидуваат построги ограничувања за странски агенти, како што е прислушкување во приватни простори, како и зголемени казни за шпионите кои целат луѓе што живеат во Германија. Ова е одговор на растечката закана за безбедноста на земјата, предизвикана од активностите на странските разузнавачки служби.
Според планот, новиот закон треба да биде претставен пред федералниот кабинет во почетокот на септември, а Бундестагот би требало да одлучи за него на есен.
„Наша цел е да го развиеме и прилагодиме кривичното право согласно современите безбедносни предизвици, за да можат надлежните органи да реагираат поефикасно. Ова е прашање на заштита на нашата слобода и безбедност“, изјави Хубиг за „Билд“.




