Спомен-обележјето е изработено од железна плоча со дијаметар од 80 сантиметри, тежина од 50 килограми и дебелина од 25 мм. На плочата, релјефно, на македонски и на англиски јазик е запишано: Географски центар на Македонија – Длабок дол Коњско, Гевгелија, со координати – северна географска широчина 42 степени 10 минути и 10,3 секунди, и источна географска должина 22 степени 23 минути и 04,3 секунди. Ова спомен-обележје е донација на Македонскиот институт „Хелиос“ од Холандија, а неговото реализирање е поддржано од Светскиот македонски конгрес.
Во подножјето на планината Кожув, во местото Длабок дол, на десната страна од регионалниот пат Гевгелија – Смрдлива вода, во близина на селото Коњско, викендов е открито спомен-обележје на географскиот центар на Македонија. На железната плоча, релјефно е напишано: Географски центар на Македонија – Длабок дол Коњско, Гевгелија, со координатите за широчина и должина. Оваа иницијатива е донација од Македонскиот институт „Хелиос“ и е реализирана од Светскиот македонски конгрес.

Определувањето на географскиот центар на Македонија, по барање на „Хелиос“, е направено од магистер Леонард Л. Луз Едмонтон, сертифициран експерт за географски информациски системи од Институтот за истражување на еколошки системи, кој е познат во светот по софтверот за географски информативни системи (ESRI), со седиште во Редлендс, Калифорнија.
На церемонијата, присутни беа многубројни жители од Гевгелија, Богданци и Валандово. Поздравен говор одржа претседателот на СМК, Тодор Петров, кој нагласи дека спомен-обележјето „Географски центар на Македонија“ има потенцијал да прерасне во култно место за сите Македонци.
– Координатите на географскиот центар на Македонија се добиени со дигитализирање на границата од „Карта Македонија“ на Димитрија Чуповски, испратена на 1 март 1913 година до Лондонската мировна конференција, а вклучуваат и пресметки за центрирање на овој генериран полигон врз основа на Светскиот геодетски систем од 1984 година. Конечната анализа е извршена на 9 јуни 2024 година, рече Петров.
Свој аспект додаде и претседателот на Македонскиот институт „Хелиос“, Џон Тодоровски од Ротердам, Холандија.

– Географскиот центар на регионот Македонија, лоциран на планината Кожув, ќе стане атрактивна туристичка дестинација за многу посетители од регионот и цела Европа. Во антички времиња, Олимп бил планина на боговите, а Кожув на џиновите. Споменот на оваа земја вклучува многу историски и природни значајни локалитети.

Тодоровски и Петров најавија дека свеченото отворање, кое ќе вклучува подготовка на целосниот простор со информациони табли и патокази, ќе се одржи на 19 септември 2026 година, со почеток во 12 часот.
СМК и Македонскиот институт „Хелиос“ од Холандија исто така најавија продолжување на традиционалната манифестација „Денови на Филип Втори Македонски“, која ќе се одржува секој трети викенд во септември, со пикник во Длабок дол и Академија за животот и делото на Филип Втори Македонски.
„Хелиос“ е Македонски институт за културни, лингвистички и научни истражувања основан во Ротердам, Холандија, на 2 август 2022 година, чија цел е да ја промовира македонската културна и историска традиција и наследство. (Љ. А.)




