Галоски со нова песна – Дејвид Гета ја објави неколку часа по промоцијата

Глобалната диџеј ѕвезда и еден од најуспешните хитмејкери во светот, Дејвид Гета, повторно му даде поддршка на македонскиот продуцент и диџеј Галоски, овој пат за неговото ново музичко парче „To The Beat“.

Оваа песна официјално беше објавена во петок, 19 јуни, преку Smash The House, издавачката куќа на познатото белгиско дуо Dimitri Vegas & Like Mike. Истата вечер, „To The Beat“ првпат беше репродуцирана во радиошоуто на Дејвид Гета, што претставува уште една значајна меѓународна потврда за музиката на Галоски.

Ова не е првпат Гета да го поддржи македонскиот артист. Тој повеќе од една деценија редовно ја свири и промовира музиката на Галоски во своите радио емисии и настапи, заедно со големи имиња како Tiësto, Armin van Buuren, Martin Garrix, Solomun, Dimitri Vegas & Like Mike и многу други реномирани артисти од светската електронска сцена.

Минатата година, Галоски се прослави и кога Swedish House Mafia, односно Axwell, Steve Angello и Sebastian Ingrosso, го оценуваа неговото дело на Tomorrowland. По нивниот настап, песната беше потпишана за нивната издавачка куќа Superhuman, а дополнителна поддршка доби и од Solomun, како и од самите Swedish House Mafia на нивниот настап во Њујорк.

Покрај студиските проекти, Галоски активно ја гради својата интернационална приказна и преку настапи надвор од Македонија. Оваа пролет реализираше интернационална турнеја, а претходно, во ноември минатата година, имаше серија настапи надвор од земјата, што дополнително ги потврдува неговите успеси на меѓународната сцена.

Прочитајте и:  Со смените во позитивната листа на лекови за трансплантиран бубрег се ризикуваат човечки животи

Во последниот период настапуваше во угледни музички градови и центри како Токио, Бангкок, Барселона и Ибица, каде оваа година беше дел од Интернационалниот музички самит, еден од најзначајните настани за електронската музичка индустрија.

Малкумина знаат дека, покрај својата артистичка кариера, Галоски е активно присутен и зад сцената на глобалната електронска музичка индустрија. Како артист, продуцент и директор за музички маркетинг, соработува со повеќе од 80 артисти од самиот врв на светската електронска сцена.

Токму затоа, на неговите социјални мрежи често може да се видат успеси поврзани со артисти како Argy, Korolova, Miss Monique, Дејвид Гета, Tiësto, Swedish House Mafia, ARTBAT и многу други значајни имиња од музичкиот свет.

Со „To The Beat“, Галоски продолжува да ја подигнува македонската електронска музика во висини покрај најголемите светски имиња. Неговиот следен сингл е најавен за 3 јули, а македонската публика ќе има можност премиерно и ексклузивно да го слушне на Антена 5.